Шведска не учи како депониите да ги претвориме во извори за равој

депониите
Рајан Нокс, извршниот директор на SALAR International од Шведска

Во интервју за МИА, Рајан Нокс, извршниот директор на SALAR International од Шведска се осврна на одржливоста на регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) како и на следните чекори во процесот.

Нокс истакна дека земјата се наоѓа во клучна фаза од реформите во управувањето со отпад, каде што поставените основи треба да се преточат во целосно функционален и одржлив систем. Иако напредокот е видлив, разликите во капацитетите меѓу општините и јавните комунални претпријатија остануваат предизвик. Според него, и покрај сите предизвици, свеста и ангажманот на општините се забележително зголемени, а управувањето со отпад сè повеќе се препознава како приоритет од страна на општините и комуналните претпријатија кои постепено го модернизираат своето работење.

Сепак, клучниот предизвик останува одржливоста на системот: „Ова вклучува зајакнување на системот за финансирање преку воведување функционален тарифен механизам, подобрување на собирањето податоци и формирање на Регионалното јавно претпријатие, кое ќе биде од клучно значење за управување со новата инфраструктура.“ додава Нокс. 

Во наредниот период, се издвојуваат неколку приоритети. Пред сè, меѓуопштинската соработка треба да премине од планирање во целосна имплементација, со функционални и ефикасни регионални структури. Истовремено, неопходно е значително да се зголеми вклученоста на граѓаните, бидејќи без нивно активно учество системот не може да функционира. Дополнително, финансиската одржливост и користењето на процесот на пристапување кон ЕУ како двигател за реформи се меѓу клучните фактори за успех. За сите овие промени Шведска може да биде добра референтна точка, со оглед на фактот дека шведскиот систем функционира на истите принципи: соработка меѓу општините, јасни управувачки структури, финансиската одржливост и силна вклученост на граѓанскиот сектор.

„Она што е еднакво важно во оваа фаза е да се задржи моментумот. Со веќе поставените клучни основи, континуираното користење на искуствата и практичните алатки развиени преку проектот на SALAR International може да помогне во забрзување на имплементацијата и избегнување на доцнењата.“ нагласува Нокс. 

Доколку овие процеси продолжат со исто темпо и координација, земјата има јасна перспектива за трансформација и реална можност да изгради модерен систем за управување со отпад, кој не само што ќе биде во согласност со стандардите на ЕУ, туку и ќе донесе опипливи придобивки за нејзините граѓани.

Целосното интервју на Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International можете да го најдете ТУКА.

Зачлени се на нашиот е-билтен