Мицкоски дигна раце од ЕУ – Граѓаните да летувале на домашните планини и села

Мицкоски

Македонските граѓани дел од својот летен одмор да го поминат во земјата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, по воведувањето на новиот дигитален систем за евиденција на патници од страна на Европската Унија за државјани од земји кои не се членки на Шенген зоната.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара одложување на примената на системот во летната сезона, Мицкоски рече дека се водат разговори во рамките на Европската Унија, но нагласи дека Македонија има доволно домашни туристички капацитети.

„Јас не би коментирал апсолутно премногу за тоа, за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како би се тоа надминало, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини и езера, на македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна немаме“, рече Мицкоски.

Новиот систем на ЕУ, познат како „влез–излез“ (EES), се однесува на државјани од трети земји и се применува во 29 европски држави. Тој е дигитална алатка за следење на влезот и излезот од Шенген зоната.

И додека Мицкоски крева раце од ЕУ, земји од соседството како Србија се изборија нивните туристи од треи месеци да бидат изземени од ЕЕС системот при влез и излез во Грција земја каде најмасовно летуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен