Црногорски државјанин меѓу патниците на крузерот погоден од смртоносен хантавирус

ханта

Црногорски државјанин се наоѓал на крузерот „Хондиус“, каде е регистрирана појава на хантавирус со смртни последици, а Светската здравствена организација (СЗО) ја следи ситуацијата и спроведува истрага за начинот на ширење на инфекцијата, додека бродот останува под здравствен надзор крај брегот на Африка. 

Според информациите, на бродот имало околу 150 патници и членови на екипажот од повеќе земји, меѓу кои и државјани од Европа, а досега се потврдени и сомнителни случаи на инфекција, од кои дел завршиле со смртен исход. 

Случајот предизвика загриженост бидејќи станува збор за ретка болест што најчесто се пренесува преку контакт со глодари, но во овој кластер се разгледува и можноста за ограничен пренос меѓу луѓе, особено меѓу блиски контакти. 

Крузерот, кој пловел од Аргентина, е задржан во близина на Зеленортските Острови, откако локалните власти не дозволиле да излезат поради ризик од ширење на инфекцијата, додека дел од пациентите се евакуирани на лекување во странство. 

Хантавирусот е редок, но потенцијално опасен вирус што може да предизвика тешки респираторни и бубрежни заболувања, а најчесто се пренесува преку вдишување честички од урина или измет од заразени глодари. 

И покрај сериозноста на случајот, СЗО оценува дека ризикот за пошироката јавност останува низок, додека истрагата за потеклото и ширењето на вирусот продолжува. 

Зачлени се на нашиот е-билтен