Руинирани, оштетени, неосветлени и небезбедни се детските игралишта во Аеродром, алармираат од СДСМ.
Од таму додаваат дека нередовните поправки на игралиштата кои често се предмет на вандализам се закана по безбедноста на најмладите жители на нашата општина.
„Со неработењето на градоначалникот Дејан Митески и ВМРО-ОКГ во Општина Аеродром ваква е сликата буквално на секое детско игралиште.
Најкритична е состојбата со игралиштето во паркот „Нирнберг” во Ново Лисиче, каде поставените реквизити со месеци стојат оштетени и целосно небезбедни за дечињата.
Веќе неколку седници по ред советничката група на СДСМ во Советот на Општина Аеродром укажува за потребата од реконструкција и одржување на детските игралишта, но општината или не реагира или бавно реагира.
Јавно го прашуваме градоначалникот Митески што чека Општина Аеродром? Дали треба некое дете да се повреди, па дури тогаш надлежните да преземат мерки?

Игнорирањето на овој проблем од страна на градоначалникот само потврдува дека безбедноста на дечињата е последна на општинската листа на приоритети.
Бараме општина Аеродром веднаш времено ова детско игралиште да го затвори за користење и да започне негова итна реконструкција на откачените и оштетени реквизити.
Бараме општината во најбрз рок да започне со реконструкција на реквизитите и сервисирање на осветлувањето и на сите оштетени детски игралишта. Безбедноста на нашите деца нема цена. Детската игра е важна алка во развојот на секое дете“ велат од СДСМ.