Научниците направија значаен пробив во ботаниката на Јужна Америка, откако по повеќе од две децении истражувања официјално идентификуваа нов род дрвја во облачните шуми на Андите. Станува збор за џиновско дрво високо околу 20 метри, кое изненадувачки е блиски роднина на доматите, компирите и модриот патлиџан. Новиот род го добил името „Daturodendron“, а откритието се смета за важно за разбирањето на еволуцијата на растенијата од фамилијата Solanaceae.
Истражувачите од Универзитетот во Картагена и Кралските ботанички градини користеле современи генетски анализи на речиси 300 гени за да ја утврдат позицијата на ова необично дрво во растителниот свет. Иако со години било заведено како „неидентификувано“ во ботаничките записи, најновите анализи покажале дека станува збор за посебна и древна гранка од семејството на таканаречените „ноќни сенки“, во кое спаѓаат и некои од најпознатите зеленчукови култури.
Научниците посочуваат дека „Daturodendron“ значително се разликува од своите познати „роднини“. Наместо ниски тревести растенија, како доматите и компирите, ова растение расте како вистинско дрво со висечки цветови и специфични семиња. Според експертите, токму овие карактеристики помогнале да се утврди дека се работи за сосема нов ботанички род.
Откритието има и пошироко научно значење. Генетските анализи покажале дека ова дрво носи важни информации за еволуцијата на плодовите кај растенијата од ова семејство. Истражувачите сметаат дека токму преку „Daturodendron“ може подобро да се разбере како низ милиони години се развивале различните видови плодови кај растенијата од фамилијата Solanaceae.
Дополнителен интерес предизвикува и фактот што овие дрвја произведуваат алкалоиди како скополамин и хиосциамин – соединенија познати по нивната употреба во медицината, но и по нивната токсичност кај одредени растенија. Научниците предупредуваат дека станува збор за редок вид кој расте само во високите предели на Андите во Колумбија и Перу, поради што веќе се најавуваат иницијативи за заштита на нивното природно живеалиште и зачувување на генетската разновидност во регионот.