Судот му порача: „Мислевте дека можете сè“ – коосновачот на Superdry осуден на осум години затвор за силување

Џејмс Холдер, коосновач на британскиот моден бренд „Superdry“, е осуден на осум години затвор откако британски суд го прогласи за виновен за силување на жена по ноќно излегување, случај што предизвика големо внимание во британската јавност и модната индустрија.

Пресудата беше изречена во судот во Глостер, каде судијата го опиша нападот како „одвратен чин на сексуално насилство“, додавајќи дека Холдер очигледно мислел дека поради своето богатство и статус може да прави што сака без последици.

Според обвинителството, случајот се случил во мај 2022 година во Челтенхем, кога Холдер и негов пријател по ноќно излегување пристигнале во домот на жртвата. Во текот на судењето било наведено дека тој подоцна ја повикал жената во спалната соба и ја силувал, и покрај тоа што таа плачела и го молела да престане.

Жртвата успеала да избега од собата, по што Холдер го напуштил станот. За време на процесот, тој ги негирал обвиненијата, но поротата по повеќедневно судење го прогласила за виновен.

Џејмс Холдер е еден од луѓето кои стојат зад создавањето на брендот „Superdry“, основан во 2003 година, кој стана глобално препознатлив по комбинацијата на британски дизајн, американски винтиџ стил и јапонска естетика, особено популарен меѓу помладата публика.

Судот одбил да му дозволи кауција пред издржување на казната, образложувајќи дека поради неговото значително богатство постои ризик од бегство.

Зачлени се на нашиот е-билтен