Кина жестоко удри по врвот на армијата: двајца поранешни министри за одбрана осудени поради корупција

Двајца поранешни министри за одбрана на Кина, Веи Фенгхе и Ли Шангфу, се осудени на смртни казни со двегодишно одложување поради корупција и примање мито, а според кинеските закони, казните подоцна ќе им бидат преиначени во доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Пресудата ја донел кинески воен суд, кој утврдил дека Веи Фенгхе е виновен за примање мито, додека Ли Шангфу бил осуден и за примање и за давање поткуп. На двајцата трајно им се одземени политичките права, а целокупниот личен имот ќе им биде конфискуван.

И двајцата поранешни министри претходно биле членови на Централната воена комисија на Кина, телото кое има клучна улога во управувањето со кинеската армија, а воедно извршувале и високи државни функции.

Случајот се смета за дел од долгогодишната антикорупциска кампања што ја води кинескиот претседател Си Џинпинг, во рамки на која беа отстранети бројни високи функционери од воениот и политичкиот врв на земјата.

Ли Шангфу беше сменет од функцијата министер за одбрана во 2023 година по само неколку месеци на позицијата, откако исчезна од јавноста и се појавија информации дека е под истрага. Неговиот претходник Веи Фенгхе исто така беше поврзуван со истраги за корупција по заминувањето од функцијата.

Кинеските власти во последните години спроведуваат сериозни чистки во армијата и државниот апарат, а аналитичарите оценуваат дека покрај борбата против корупцијата, ваквите процеси имаат и силна политичка димензија за зацврстување на контролата врз воениот врв.

Зачлени се на нашиот е-билтен