Околу 18 рудари се заглавени во рудникот „Трепча“ во северниот дел на Косово, откако претходно под земја останале околу 40 лица. Дел од рударите успеале да излезат, додека останатите и натаму се блокирани.
Претседателот на синдикатот на рударите Ибрахим Јонизи изјавил дека состојбата на рударите засега е стабилна и дека со нив постои комуникација. Тој посочил дека како што минува времето, ситуацијата станува потешка бидејќи резервите со вода и храна се намалуваат.
Според косовските медиуми, рударите останале блокирани поради дефект на главна трафостаница, по што бил прекинат дел од системот во рудникот. Официјална потврда за причините сè уште нема.
Надлежните служби работат на извлекување на рударите и на стабилизирање на условите во рудникот. Засега нема информации за повредени лица.
Рудникот „Трепча“ е еден од најголемите рударски комплекси на Балканот и со години се соочува со проблеми со инфраструктурата и снабдувањето со енергија.
