Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина ќе инвестира „стотици милијарди долари“ во американски технолошки компании по разговорите што ги имал со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг. Изјавата беше дадена за време на неговата посета на Кина, каде учествуваше и делегација на големи американски компании.
Според американските медиуми, со Трамп во Пекинг отпатувале директори на компании како „Епл“, „Тесла“, „Боинг“, „Мастеркард“ и други корпорации кои бараат поголем пристап до кинескиот пазар.
Трамп изјавил дека разговорите со Си биле насочени кон стабилизирање на економските односи меѓу двете земји и кон отворање на дополнителен простор за американските компании во Кина. Дел од разговорите се однесувале и на трговијата, царините, технолошката соработка и енергетските пазари.
За време на посетата биле споменати и можни нови договори за набавка на авиони „Боинг“ и американски земјоделски производи. Аналитичарите оценуваат дека посетата има цел да ја зачува трговската рамнотежа меѓу Вашингтон и Пекинг по периодот на тензии и царински мерки.
Во разговорите меѓу Трамп и Си биле отворени и теми поврзани со Иран, Тајван и безбедноста во Азија. И покрај најавите за економска соработка, засега нема информации за конкретни договори со прецизни финансиски износи.
