Дрвата исечени, ЈП Биљанини Извори вели дека било потребно

ЈП „Билјанини Извори“ соопшти дека сечењето на дел од дрвјата во просторот на каналот „Студенчишта“ во Охрид било преземено од безбедносни причини, во координација со здружението „Збогум Буково“ и врз основа на соодветно одобрение за сечење.

Од претпријатието наведуваат дека станува збор за дрвја кои поради состојбата и местоположбата претставувале опасност за пловните објекти, како и за граѓаните кои се движат, работат или престојуваат во тој дел од каналот.

Интервенцијата, според ЈП „Билјанини Извори“, не била преземена произволно, ниту со намера да се наруши зеленилото, туку како мерка за спречување можни штети, несреќи и загрозување на човечки животи.

Од претпријатието велат дека ја разбираат чувствителноста на јавноста и на еколошките здруженија кога станува збор за сечење дрвја, особено во простор како каналот „Студенчишта“, кој е дел од еколошки чувствителната зона поврзана со Охридското Езеро.

ЈП „Билјанини Извори“ соопшти дека секоја ваква интервенција треба да се гледа низ призмата на јавниот интерес, заштитата на луѓето и спречувањето поголеми последици. Оттаму најавуваат дека на местата каде што е можно ќе бидат засадени нови дрвја во рамки на просторот на каналот „Студенчишта“.

Претпријатието посочува дека заедно со здружението „Збогум Буково“ и досега работело на зголемување на зелените површини на територијата со која стопанисува, како и во просторот на каналот. Во март минатата година, иницијативата „Збогум Буково“ организираше акција со садење околу сто садници долж каналот „Студенчишта“.

Случајот предизвика внимание затоа што просторот околу „Студенчишта“ со години е предмет на јавни и еколошки расправи. Студенчишкото Блато е валоризирано како природен феномен од особено значење за екосистемот на Охридското Езеро, а еколошките здруженија подолго време бараат негово зачувување и ревитализација.

Од ЈП „Билјанини Извори“ апелираат јавноста да не носи избрзани заклучоци и да ги земе предвид, како што велат, фактите дека дрвјата претставувале опасност, постапката била спроведена со одобрение, а просторот ќе продолжи да се уредува со нови садници и грижа за зеленилото.

Претпријатието додава дека останува отворено за соработка со граѓаните, здруженијата и сите чинители кои сакаат да придонесат за безбедна, чиста и зелена средина во Охрид.

Најчитано