Во Виница денеска првпат се одржа протестниот „Марш за ангелите“, посветен на 63-те жртви од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Маршот започна од плоштадот „Ангел Винички“, продолжи низ централните улици до полициската станица и заврши повторно на плоштадот.
Родителите на починатите повторно побараа одговорност од институциите, тврдејќи дека трагедијата не може да се сведе само на прашањето за јаглерод моноксид. Тие посочија дека кај дел од жртвите било утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности, што според нив отвора дополнителни прашања за материјалите во објектот и за контролите што требало да бидат спроведени.
Тања Коцева, мајка на починатата Ана од Виница, порача дека одговорноста не смее да заврши само кај сопственикот на објектот. Родителите прашаа каде биле инспекциите задолжени за противпожарна безбедност, градежен надзор, пазарни услови и безбедност при работа.
