Деветнаесетгодишен доставувач на храна е убиен синоќа во Дрниш, Хрватска, откако бил застрелан на тераса од семејна куќа. Полицијата трага по 50-годишен маж, осомничен дека пукал со огнено оружје и побегнал од местото на настанот.
Убиството се случило околу 23:05 часот во Постоларска улица. Младиот човек, хрватски државјанин, починал од повредите на местото на настанот. Хрватските медиуми објавија дека тој доставил нарачана храна до адресата на осомничениот, по што, под сè уште неразјаснети околности, бил застрелан.
Осомничениот и претходно ѝ бил познат на полицијата. Во 2023 година против него била поднесена пријава за недозволено поседување оружје и експлозивни материи, а хрватските медиуми објавија дека во минатото бил осуден и за убиство од 90-тите години. Истрагата треба да ги утврди мотивите и сите околности на случајот.
