По новите законски измени за игрите на среќа, Владата најавува дека следен фокус ќе бидат брзите кредити. Изет Меџити, копретседател на ВЛЕН, во видео-обраќање оцени дека со новиот закон почнува построга институционална контрола врз коцкањето и најави дека мерките ќе продолжат и кон компаниите за брзи кредити.
Предлог-законот предвидува објектите за игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри да бидат најмалку 500 метри оддалечени од основните и средните училишта. Се воведуваат и ограничувања за рекламирање, со забрана за пораки што го прикажуваат коцкањето како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични проблеми.
Во обложувалниците што се во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Владата тврди дека мерките имаат цел да ја намалат изложеноста на младите на коцкање, додека дел од здруженијата од секторот предупредуваат на можни економски последици и ризик од префрлање кон сива зона.
