Путин оди во Пекинг по посетата на Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Кина на 19 и 20 мај, само неколку дена по државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Пекинг. Кремљ соопшти дека посетата е на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Москва ја претставува средбата како дел од 25-годишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Русија и Кина. Путин и Си треба да разговараат за продлабочување на стратешкото партнерство, како и за меѓународни и регионални прашања.

По разговорите се очекува потпишување заедничка изјава и повеќе билатерални документи. Путин ќе се сретне и со кинескиот премиер Ли Чијанг, со кого ќе разговара за економска и трговска соработка.

Посетата доаѓа во чувствителен момент, по разговорите меѓу Трамп и Си, кои не донесоа видлив голем пробив во трговијата, Украина или кризата околу Иран. За Москва и Пекинг, средбата е нов сигнал дека нивната оска останува активна во време на засилени глобални поделби.

Најчитано