Градоначалниците нема да бидат незаменливи, ќе одлучуваат граѓаните

градоначалниците

Министерот за локална самоуправа Златко Перински најави дека предложените законски измени за можноста за отповикување градоначалници се подготвувани внимателно, со цел да се спречат политички злоупотреби и блокади во функционирањето на општините.

Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на TV21, Перински истакна дека правото за избор и евентуално разрешување на градоначалниците треба да остане исклучиво во рацете на граѓаните.

„Добија мандат од четири години и без разлика на тоа како ќе го користат, дали ќе ја злоупотребат довербата на гласачите или не, никој не треба да може да ги отповика“, изјави Перински, додавајќи дека „граѓанинот го дава суверенитетот на мандатот и граѓанинот треба и да го одземе“.

Според министерот, законските решенија биле подготвувани врз основа на европски искуства, но со дополнителни механизми за заштита од евентуални политички манипулации.

„Ова е норма која што ја работевме согласно европски примери, но исто така моравме да внимаваме истата во иднина да не биде злоупотребена на политичка основа“, рече Перински.

Тој предупреди дека е несоодветно во системски закон да се вградуваат одредби што би можеле да се користат за политички притисоци врз локалната власт.

„Многу е несоодветно во еден системски закон да ставите норма која потенцијално одредени политички субјекти би можеле да ја злоупотребуваат и на тој начин да ја кочат работата на градоначалникот“, посочи министерот.

Перински додаде дека процентите потребни за покренување иницијатива за референдум и евентуален референдумски отповик биле „многу внимателно креирани“, земајќи ги предвид реалните околности и специфики во државата.

Најчитано