„Луфтханза“ ги прекинува летовите меѓу Франкфурт и Скопје по повеќе од три години присуство на оваа линија, со што скопскиот аеродром останува без директна врска со еден од најголемите европски авио-хабови.
Во резервациониот систем на германскиот авиопревозник повеќе не се достапни летови по 31 мај, ниту за летната сезона, ниту за зимскиот ред на летање што почнува кон крајот на октомври. За патниците до Скопје, компанијата нуди алтернативни врски преку Виена, со „Аустриан ерлајнс“, која исто така е дел од групацијата „Луфтханза“.
Линијата Франкфурт – Скопје беше воведена на 23 април 2023 година. При стартот беше најавена како важна врска за патниците од Македонија кон Германија, но и како трансферна рута преку Франкфурт кон Северна Америка и други далечни дестинации.
Германскиот превозник ја одржуваше линијата од седум до десет пати неделно, зависно од сезоната, но во последниот зимски период фреквенциите беа намалени на три неделни лета. Првично беше најавена едномесечна пауза од 1 јуни, со можност летовите да продолжат од 1 јули, но потоа авиокомпанијата ги отстрани летовите и за остатокот од летото и за зимската сезона.
Повлекувањето доаѓа по период на пошироки промени во мрежата на „Луфтханза“, која годинава ги ревидира летовите од своите бази во Франкфурт и Минхен. Според специјализираните авијациски извори, групацијата ја забрзува консолидацијата на европската мрежа, што носи кратења на линии и фреквенции на повеќе пазари.
Линијата Скопје – Франкфурт беше дел од моделот на субвенционирани авиолинии од македонската влада, со обврска за летање до крајот на декември 2025 година. По истекот на тој период, одлуката на авиокомпанијата практично го затвора директниот канал меѓу Скопје и главниот аеродром во Франкфурт.
Случајот доаѓа во период кога македонските аеродроми бележат раст на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од 2026 година, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле 1.202.828 патници, што е раст од 32,4 проценти во однос на истиот период лани.
