Земјотрес ја стресе Малатија, училиштата евакуирани од претпазливост

Земјотрес

Земјотрес со магнитуда од 5,4 степени утрово ја погоди источна Турција, во близина на градот Малатија, предизвикувајќи вознемиреност кај жителите и превентивна евакуација на училиштата.

Епицентарот бил регистриран на околу 21 километар од Малатија, на длабочина од околу седум километри. Потресот се случил во 9 часот по локално време, а бил почувствуван и во околните провинции.

Во првичните извештаи имаше разлики во проценката на јачината. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар прво објави посилна магнитуда, која потоа беше ревидирана на 5,4 степени, додека дел од меѓународните агенции јавија за потрес од 5,6, односно 5,8 степени. Ваквите корекции се чести во првите часови по земјотрес, кога сеизмолошките служби ги усогласуваат податоците од повеќе мерни станици.

Засега нема официјални информации за жртви или поголема материјална штета. Сепак, снимките од терен покажуваат дека дел од жителите излегле на улица веднаш по потресот, а училиштата биле испразнети како превентивна мерка.

Малатија е една од провинциите што беа сериозно погодени во катастрофалниот земјотрес на 6 февруари 2023 година, кога во Турција загинаа повеќе од 53.000 луѓе, а беа уништени или оштетени стотици илјади објекти. Поради тоа, и умерените потреси во овој регион предизвикуваат силна реакција кај населението.

Надлежните служби ја следат состојбата и предупредуваат на можни последователни потреси, кои се вообичаени по земјотрес од ваков интензитет.

Најчитано