Рударска мафија и руски капитал: „Здрава котлина“ со жестока реакција за Иловица

Иловица

Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ во остро соопштение обвини дека во Македонија се води „организирана и добро финансирана кампања“ за промоција на отворање рудници во Струмичко, Валандовско, Гевгелиско и Прилепско, при што, според организацијата, дел од медиумите и јавните личности свесно шират дезинформации во корист на рударските компании и нивните интереси.

Во реакцијата, активистите тврдат дека во јавноста биле пласирани „лажни вести“ со кои наводно се создавала перцепција дека постои научна и институционална поддршка за проектите Иловица-Штука и Плавица. Особено ја посочуваат објавата за наводна поддршка од Македонската академија на науките и уметностите, оценувајќи ја како „целосно фабрикувана“. Според „Здрава котлина“, конечната верзија на Стратегијата за рударство сè уште не е усвоена, а во јавноста намерно се пласирале информации кои треба да создадат впечаток дека постои официјален консензус за отворање на рудниците.

Организацијата наведува дека академик Блажо Боев, кој е национален координатор на Стратегијата за рударство, на јавна сесија на Технолошко-металуршкиот факултет изразил поинакви ставови и посочил дека делови од стратегијата ќе треба да се ревидираат поради, како што велат, „правни, еколошки, технички и економски недоследности“.

Во соопштението се упатуваат и сериозни критики кон институциите, пред сè кон Министерството за енергетика и рударство и министерката Сања Божиновска. Од „Здрава котлина“ тврдат дека концесијата на компанијата „Еуромакс Ресурси“ за проектот Иловица била издадена уште во 2012 година, а дека и по 14 години не е обезбедена дозвола за експлоатација, што, според нивното толкување на Законот за минерални суровини, претставува основ за одземање на концесијата.

Активистите предупредуваат дека доколку институциите не постапат, ќе поднесат кривични пријави против одговорните функционери. Воедно, најавуваат дека случајот ќе биде доставен и до европските институции, а посебно го повикуваат известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, внимателно да ги следи активностите на македонските власти во следниот период.

Во најостриот дел од реакцијата, „Здрава котлина“ изнесува тврдења за поврзаност на проектот Иловица-Штука со странски капитал и интереси. Организацијата директно го споменува бугарскиот бизнисмен Цоло Вутов, за кого тврди дека стои зад активности за создавање голем рударски комплекс во југоисточниот дел на Македонија, во координација со постојни рударски капацитети во Радовиш.

Според „Здрава котлина“, зад лобирањето за Иловица-Штука стои бизнис интерес на Цоло Вутов, бугарски тајкун и руски академик, кој во моментот активно се реструктурира за да воспостави соработка со постоечки руски капитал во активен рудник во Радовиш на само 30 километри од Струмица.

Целта е кристално јасна: создавање на едно масивно Струмичко-Радовишко рударско комплекс под странска финансиска контрола, прикриена преку Кајмански острови и разгранета мрежа на номинални сопственици.

Според активистите, во процесот биле вклучени и локални бизнисмени и политички структури кои, како што наведуваат, посредувале меѓу странскиот капитал и домашните институции.

Од „Здрава котлина“ велат дека располагаат со информации оти западни дипломатски претставништва веќе ги следат овие случувања, а предупредуваат и на можни идни санкции и „црни листи“ за лица кои би биле поврзани со рударските проекти.

Организацијата во соопштението упатува и директни критики кон медиуми, подкасти и јавни личности за кои смета дека работат во интерес на рударските компании. Активистите оценуваат дека јавноста се манипулира преку платена пропаганда и координирани медиумски настапи.

„Здрава котлина“ повторува дека повеќе од една деценија се спротивставува на отворање рудници во Југоисточна Македонија и нагласува дека, според нив, не постои технологија која може да гарантира безбедност на ваков тип рудници во густо населени и земјоделски региони. Во реакцијата се наведува дека на јавните дебати никој не понудил уверливи одговори за потенцијалните еколошки и здравствени ризици.

Организацијата потсетува и на локалните референдуми и јавни отпори во регионот, тврдејќи дека граѓаните, дел од општините, политички партии, медиуми и црковни претставници досега едногласно се спротивставувале на отворањето рудници.

Во завршницата од соопштението, „Здрава котлина“ испраќа порака дека граѓанскиот отпор ќе продолжи и предупредува на можни нови масовни протести и блокади доколку се направи обид за реализација на рударските проекти во Југоисточна Македонија.

„Рудници во ИЕ4 нема да има“, порачуваат од организацијата, оценувајќи дека секој обид за отворање рудници ќе предизвика уште посилен јавен отпор.

Најчитано