СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата во опасна должничка спирала

СДСМ за долгот од 2,5 милијарди евра обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја турка државата во опасна должничка спирала, со нови кредити, високи камати и товар што, според партијата, ќе го плаќаат граѓаните и идните генерации.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница порача дека расправата не е само за бројки, камати и кредити, туку за иднината на државата и за економска политика која, според него, наместо развој создава долгови, задолжувања, несигурност и финансиска зависност.

Талески обвини дека власта секој месец бара нови кредити за да ги покрие буџетските дупки што самата ги создала. Според него, наместо економија што создава нова вредност, граѓаните гледаат власт која нема пари за сервисирање на основните потреби на државата.

Во обраќањето, тој посочи дека за само две години Владата на ВМРО-ДПМНЕ создала нов долг од околу 2,5 милијарди евра, а јавниот долг достигнал историски највисоко ниво. СДСМ тврди дека задолжувањето не застанува само на централната власт, туку се прелева и кон општините, јавните комунални претпријатија и локалните институции.

Според Талески, многу општини не функционираат, јавните претпријатија тонат во долгови, а нема пари за основни услуги, водовод, хигиена и инфраструктура. Тој праша што добиле граѓаните од тие задолжувања, наведувајќи дека нема повисоки плати, нема минимална плата од 600 евра, нема повеќе субвенции за земјоделците и нема перспектива за младите.

Пратеникот на СДСМ се осврна и на унгарскиот кредит од една милијарда евра, за кој рече дека власта го претставувала како историски успех, но дека граѓаните не виделе конкретни резултати, нови фабрики, нови работни места или капитални инвестиции што создаваат економски раст.

Најчитано