Парламентот на Република Српска усвои декларација со која бара укинување на функцијата висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина и затворање на Канцеларијата на високиот претставник, институција воспоставена по Дејтонскиот мировен договор.
Со документот, предложен од претседателот на парламентот Ненад Стевандиќ, Народното собрание на Република Српска упатува барање до Советот за безбедност на Обединетите нации за донесување резолуција со која би се прекинал мандатот на високиот претставник.
Во декларацијата се наведува дека меѓународното присуство во БиХ било замислено како временски ограничен механизам по војната, но дека со текот на годините овластувањата на високиот претставник биле проширени преку таканаречените бонски овластувања. Токму тие овластувања му овозможуваат на високиот претставник да наметнува закони и да разрешува функционери кои го кршат Дејтонскиот договор или го блокираат мировниот процес.
Парламентот на Република Српска го оспорува и легитимитетот на актуелниот висок претставник Кристијан Шмит, со образложение дека неговото назначување не било потврдено од Советот за безбедност на ОН. Овој аргумент со години го користат политичките претставници од Бања Лука, особено во контекст на судирите меѓу Шмит и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик.
Канцеларијата на високиот претставник беше воспоставена со Анекс 10 од Дејтонскиот мировен договор, со задача да го надгледува цивилното спроведување на мировниот договор со кој беше завршена војната во БиХ. Во 1997 година, Советот за имплементација на мирот во Бон ги прошири инструментите на високиот претставник, со што оваа функција доби можност директно да интервенира во политичкиот и законодавниот процес.
Барањето на Република Српска доаѓа во период на нова неизвесност околу иднината на ОХР. Шмит веќе најави дека ќе ја напушти функцијата, но останува на позицијата додека не биде избран негов наследник. Во меѓувреме, меѓународните и регионалните анализи предупредуваат дека евентуалното брзо затворање на ОХР, без јасен договор за функционалноста на државните институции, може дополнително да ја продлабочи политичката криза во БиХ.
Во заклучоците на парламентот во Бања Лука се бара враќање на целосните надлежности на домашните институции во рамките на „оригиналниот Дејтон“. За Сараево и дел од меѓународната заедница, пак, прашањето за ОХР останува поврзано со стабилноста на државата, функционирањето на заедничките институции и спречувањето на нови блокади во земјата со најсложена уставна архитектура во регионот.
