Граѓаните кои во текот на 2025 година оствариле доход имаат рок до 1 јуни 2026 година да ја проверат, потврдат или коригираат годишната даночна пријава преку системот „е-Даночни услуги“. Рокот е продолжен затоа што 31 мај паѓа во недела, а по неговото истекување непотврдените и некоригираните пријави ќе се сметаат за конечни.
Управата за јавни приходи претходно соопшти дека во законскиот рок, до 30 април, биле генерирани 862.896 годишни даночни пријави за остварен доход во 2025 година. Пријавите се доставени електронски, а граѓаните добиваат известување преку профилот на „МојДДВ“ или на електронската адреса регистрирана во УЈП.
Обврската се однесува на физичките лица кои во 2025 година оствариле доход во земјата или во странство. Граѓаните треба да направат увид во податоците, да ја потврдат пријавата ако е точна, да ја дополнат ако не е опфатен целиот доход или да ја коригираат ако забележат неточни износи.
Коригираните годишни даночни пријави треба да бидат одобрени од службено лице во УЈП. Ако корекцијата не биде одобрена, Управата ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2025 година. Кај обврзниците кај кои се јавува обврска за доплата, по истекот на рокот ќе се генерира налог за доплата со фолио број.
УЈП потсетува дека податоците од годишната даночна пријава се користат и за издавање уверенија за остварен доход, како и за остварување права пред други институции. Затоа институцијата апелира граѓаните навреме да ги проверат податоците, особено ако оствариле приходи од плата, регрес, дивиденда, закуп, авторски договори, работа од странство или друг вид доход.
Дополнително, лицата кои во 2025 година оствариле доход повисок од два милиони денари по основ на изнајмување деловен простор, услуги, приватни часови, продажба на земјоделски производи или друг континуиран оданочив промет, може да имаат обврска за регистрација за ДДВ.
По 1 јуни, даночните пријави што нема да бидат потврдени или коригирани ќе го добијат статусот конечни. Тоа значи дека граѓаните имаат уште неколку дена да проверат дали податоците во пријавата се точни и дали е опфатен целиот доход остварен во 2025 година.
