Осумдесет и петгодишна жена загина во пожар што ноќеска избувнал во куќа во скопската населба Пинтија.
Случајот бил пријавен во полиција утрово во 01:48 часот, по што на местото интервенирале екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои го изгаснале пожарот.
Според првичните информации, пожарот избувнал во куќа во сопственост на 45-годишна жена, во која живеела и нејзината 85-годишна мајка. Од повредите здобиени во пожарот, повозрасната жена починала на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Причините за пожарот засега не се соопштени. Увид на местото на настанот треба да биде извршен во текот на денот, по што се очекуваат повеќе детали за околностите под кои избувнал пожарот.
