Силно невреме ја зафати Словенија, најмногу источниот дел од земјата и подрачјето околу Марибор, каде поројни дождови, грмотевици, силен ветер и град предизвикаа штети на покриви, дрвја, објекти и делови од инфраструктурата.
Според првичните информации, на повеќе места ветерот откорнувал покриви, уривал дрвја и електрични столбови, а пожарникарските екипи имале зголемен број интервенции на терен. Штети биле пријавени и на објекти во Марибор, меѓу кои и на зградата на Универзитетскиот медицински центар.
Словенечката агенција за животна средина претходно го подигна нивото на предупредување од жолто на портокалово поради опасност од посилни грмотевични процеси, налети на ветер, поројни дождови и град. На одредени места градот бил со големина на орев, што дополнително го зголемило ризикот од материјални штети.
Невремето прво ги зафатило северните и источните делови од земјата, а потоа се движело кон централните и југоисточните региони. Дожд имало и во Љубљана, додека во близина на аеродромот кај главниот град биле измерени силни налети на ветер.
Надлежните служби предупредија дека и по поминувањето на главниот бран, локално може да има засилени налети на ветер и поројни врнежи. Засега не се очекуваат поголеми поплави, но водостоите може да пораснат во делови каде дождот ќе се задржи подолго.
Нестабилното време ја зафати и Хрватска. Во Загреб биле регистрирани силни грмотевици, дожд и ветер, а хрватските метеоролози издадоа жолто предупредување за поголем дел од внатрешноста на земјата.
