Напад со нож на станица во Швајцарија: тројца повредени, осомничениот уапсен

ФОТО: KEYSTONE / CLAUDIO THOMA

Тројца луѓе се повредени утрово во напад со нож на железничката станица во Винтертур, во северна Швајцарија, соопшти кантоналната полиција во Цирих. Осомничениот напаѓач е уапсен на местото на настанот.

Нападот се случил кратко по 8:30 часот, кога маж со ладно оружје нападнал три лица на станицата. Повредените се швајцарски државјани на возраст од 28, 43 и 52 години и сите биле пренесени во болница.

Полицијата соопшти дека осомничениот е 31-годишен швајцарски државјанин. Мотивот за нападот засега не е утврден и е предмет на истрага. На терен интервенирале кантоналната полиција во Цирих, градската полиција во Винтертур, транспортната полиција на швајцарските железници, итната медицинска служба и спасувачките екипи.

Според „Еуроњуз“, дел од швајцарските медиуми објавиле видеоснимка на која се гледа маж како бега од станицата и извикува религиозен повик, но полицијата во официјалното соопштение не наведе мотив ниту квалификација на нападот.

Винтертур е град во североисточна Швајцарија, во близина на Цирих, со околу 123.000 жители. Полицијата најави дополнителни информации во текот на денот, додека истрагата треба да утврди како и зошто дошло до нападот.

Најчитано