СДСМ: Истече рокот за Реформската агенда, Мицкоски не ги исполни ветувањата

СДСМ

Опозициската СДСМ обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не ги исполни обврските од Реформската агенда до рокот што самата го поставила – 1 јуни, оценувајќи дека станува збор за уште едно неисполнето ветување кон граѓаните.

Во партиското соопштение се наведува дека рокот за реализација на реформите истекол, а дел од предвидените обврски останале незавршени, што, според СДСМ, претставува потврда дека Владата не успеала да ги исполни сопствените најави.

Од опозициската партија велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дошле на власт со ветувања за враќање на името на државата, укинување на Преспанскиот договор, обезбедување подобри услови во евроинтегративниот процес, привлекување поголеми странски инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

СДСМ тврди дека по две години власт овие ветувања не се реализирани, посочувајќи дека Преспанскиот договор останува во сила, дека не се обезбедени нови услови за европските интеграции и дека реформите поврзани со ЕУ не се завршени.

Во соопштението се наведува и дека странските директни инвестиции бележат пад, економијата стагнира, а не е реализирано ниту ветувањето за зголемување на минималната плата на 600 евра. Од СДСМ оценуваат дека граѓаните се соочуваат со растечки трошоци за живот и економски предизвици.

„Не го вратија името. Не го укинаа Преспанскиот договор. Не обезбедија подобри услови. Не ги исполнија реформите за ЕУ. Наместо напредок, донесоа застој, изолација и разочарување“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Најчитано