Суровата нафта поскапе по новата размена на оган меѓу САД и Иран

Цените на суровата нафта пораснаа за повеќе од три проценти по новата размена на напади меѓу САД и Иран, во момент кога пазарите повторно ја пресметуваат цената на ризикот на Блискиот Исток и можните нарушувања во снабдувањето со енергенси.

Според податоците што ги пренесе Ројтерс, фјучерсите на американската сурова нафта пораснале за 2,88 долари, односно за 3,3 проценти, и достигнале 90,24 долари за барел. Нафтата од типот „брент“, која е глобален репер за цените на енергенсот, поскапела за 2,78 долари, односно за 3,05 проценти, а утрово се продавала за околу 93,9 долари за барел.

Новиот скок доаѓа откако Вашингтон соопшти дека извршил напади во самоодбрана врз радарски позиции и локации за контрола на беспилотни летала на иранските острови Горук и Кешм. Техеран, преку Исламската револуционерна гарда, соопшти дека возвратил со напад врз воздухопловна база што, според иранските тврдења, била користена за американските операции.

Пазарите реагираат и на неизвесноста околу можен договор за продолжување на прекинот на огнот и отворање простор за дипломатски разговори. Само неколку дена претходно очекувањата за договор предизвикаа пад на цените, но новите напади повторно ја зголемија загриженоста дека конфликтот може да продолжи и да го задржи притисокот врз енергетските пазари.

Дополнителен ризик претставува состојбата во Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и течен природен гас. Секоја неизвесност околу безбедноста на овој воден пат директно се прелева врз цените, бидејќи преку него минува значаен дел од глобалните енергетски текови.

Растот на цените на нафтата може да има пошироки економски последици, особено за земјите што зависат од увоз на енергенси. Доколку геополитичката нестабилност продолжи, притисокот може да се пренесе и врз цените на горивата, транспортот, логистиката и производите што зависат од енергетските трошоци.

Најчитано