ДПМНЕ и денес ги повтори истите пораки без идеја и предлог како поинаку

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја зацврсти позицијата дека нема да поддржи уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот без претходни јасни, цврсти и писмени гаранции од Европската Унија. Портпаролот на партијата Валентин Манасиевски изјави дека гаранциите треба да бидат во форма на заклучоци од ЕУ, а не само политички изјави или дипломатски уверувања.

Манасиевски оцени дека државата во минатото платила висока цена со промената на уставното име, но дека тоа не донело стабилен напредок во евроинтегративниот процес. Според него, актуелната Влада нема да прифати нови отстапки без претходна испорака и гаранции дека процесот нема повторно да биде блокиран.

Во партиската реакција, ВМРО-ДПМНЕ повторно ја насочи критиката кон СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот лидер на опозицијата Венко Филипче, обвинувајќи ги дека со претходните политики отвориле простор за нови условувања. Манасиевски порача дека Филипче, како што наведе, треба да пренесе дека Македонија очекува и испорака на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа во период на обновена политичка расправа за европскиот пат на земјата, по најавите на СДСМ за референдум и по пораките од Брисел дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски ако сака да продолжи со преговорите. Уставните измени остануваат клучната точка на застојот, бидејќи без нив земјата не може да го отвори суштинскиот дел од преговарачкиот процес.

Политичката дилема, сепак, останува иста: дали барањето за писмени гаранции може да се претвори во реална европска формула или ќе остане домашна позиција со која се одложува одлуката. Досегашните пораки од ЕУ не покажуваат дека Преговарачката рамка може лесно да се отвори одново, што ја става Владата во позиција истовремено да тврди дека е за ЕУ и да го држи процесот во блокада.

Во таа рамка, изјавата на Манасиевски е повеќе од дневна партиска реакција. Таа ја потврдува стратегијата на власта да не се движи кон уставни измени без дополнителен политички пакет од Брисел. Прашањето е дали таквиот пакет е возможен и дали Македонија, додека го чека, ризикува уште подлабоко да заостане зад земјите од регионот кои веќе ги користат новите европски инструменти и го забрзуваат пристапниот процес.

Најчитано