Мицкоски пред Кошта: Разговори да, авантура без гаранции не

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски пред средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Владата е подготвена за разговори за деблокирање на европскиот пат, но не и за нова политичка авантура без јасни гаранции и предвидлив крај на процесот.

Кошта денеска престојува во Скопје како дел од турнејата низ Западен Балкан, во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват. Според најавите, во фокусот на разговорите ќе бидат проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

Мицкоски очекува на средбата да се разменат идеи за надминување на, како што го нарекува, „вештачкото билатерално барање“ од земја членка на Европската Унија. Станува збор за условот Бугарите да бидат внесени во Уставот, чекор што е поврзан со продолжувањето на македонските преговори со ЕУ.

Премиерот повтори дека Владата бара јасни институционални гаранции дека по евентуални уставни измени нема да следуваат нови билатерални условувања. Според него, Македонија може да разговара за реформи и за објективни европски критериуми, но не и за прашања што повторно би го отворале идентитетот или би создале нови блокади во процесот.

Во пресрет на средбата, Мицкоски порача дека државата останува заинтересирана за членство во ЕУ и за користење на секоја реална шанса во процесот на проширување, но нагласи дека нема да прифати дополнителни отстапки без гаранција дека патот навистина води кон членство.

Посетата на Кошта доаѓа во период кога Брисел повторно испраќа пораки за забрзување на проширувањето, но и во момент кога Македонија останува заглавена во спорот околу уставните измени. За Владата, клучното прашање е како да се обезбеди европски напредок без нови билатерални замки, додека од ЕУ се очекува појасна политичка рамка за следните чекори.

Најчитано