Туристичка понуда во Финска: Лов на скриено злато вредно 20.000 евра

Финска

Лапонија во Финска – позната како дом на Дедо Мраз и по своите магични зимски пејзажи – ги поканува туристите да го заменат јавањето ирваси со повеќемесечен лов на скриено злато ова лето.

Учесниците ќе ги истражат патеките и знаменитостите на Леви, туристичко одморалиште во северна Финска познато по своите скијачки патеки и погледи на северната светлина, каде што ловците на богатство ќе се обидат да пронајдат златна прачка вредна 20.000 евра, пишува CNN.

Таканаречениот „Лов под полноќното сонце“ ќе започне на 18 јуни во Центарот за посетители во Леви, објави во вторник туристичката организација „Посетете го Леви“.

Како ќе се одвива потрагата

Учесниците ќе можат да ја преземат првата трага и да се регистрираат за потрагата во центарот. После тоа, ќе бидат објавени нови траги за да ги водат планинарите и посетителите низ локалните патеки, туристичките атракции и знаменитости, доближувајќи ги чекор по чекор до скриената награда.

Организаторите наведуваат дека златната прачка може да се најде по која било трага, додека дополнителни траги ќе бидат објавени во текот на летото што постепено ќе го олеснат откривањето на нејзината локација.

Последната трага треба да биде објавена на 22 август.

„Нема потреба од копање“

Скијачкиот центар Леви е еден од многуте европски зимски туристички центри кои ја проширија својата понуда надвор од зимската сезона, нудејќи активности како параглајдинг, планинарење, рафтинг на река и планински велосипедизам, според CNN.

„Лов под полноќното сонце“ е организиран во соработка со компанијата „Агнико Игл Финска“, рударска компанија за експлоатација на злато со седиште во Китила, и скијачкиот центар Леви.

Сите оние кои сакаат да учествуваат се поканети да се движат одговорно, да останат во дозволените области и да ја почитуваат природната средина. Организаторите нагласија дека пребарувањето не бара копање или какво било нарушување на теренот.

Најчитано