Депортацијата од Тиват отвори нова криза меѓу Белград и Подгорица

Црна Гора им забрани влез на 87 државјани на Србија кои со чартер-лет пристигнале во Тиват, во пресрет на самитот Европска унија – Западен Балкан, оценувајќи дека нивното присуство претставува безбедносен ризик. Случајот предизвика нови тензии во односите меѓу Белград и Подгорица, во момент кога во Тиват се очекуваа европски и регионални лидери.

Според црногорската полиција и безбедносните служби, групата била идентификувана како безбедносно интересна, а кај дел од патниците биле пронајдени комуникациска опрема и транспаренти со слоганот „Србија победува“, кој се поврзува со политичката кампања на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка. Црногорските власти заплениле и два автобуса со српски регистарски ознаки, за кои се сомневаат дека требало да се користат за превоз на групата во Црна Гора.

Дел од регионалните медиуми објавија дека меѓу вратените патници имало лица со криминални досиеја и лица кои претходно биле поврзувани со високоризични јавни собири во Србија. Радио Слободна Европа наведува дека авионoт со групата бил вратен за Белград во попладневните часови, а црногорските власти најавиле дека за нив ќе биде иницирана забрана за влез и престој во Црна Гора и во наредниот период.

Инцидентот доаѓа во чувствителен политички момент, непосредно пред самитот во Тиват, на кој треба да се разговара за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Српската Безбедносно-информативна агенција во меѓувреме го предупреди Вучиќ да не патува во Црна Гора, наведувајќи безбедносни ризици, додека српските власти најавија построги контроли на границата со Црна Гора.

Односите меѓу Србија и Црна Гора подолго време се оптоварени со прашањата за влијанието на Белград врз внатрешната политика во Подгорица, позицијата на Црна Гора кон Косово и усогласувањето на црногорската надворешна политика со Европската унија, вклучително и санкциите кон Русија. Тиватскиот случај сега дополнително ја отвори темата за безбедносното влијание, политичката мобилизација и регионалните притисоци во пресрет на европскиот самит.

Најчитано