Муцунски најави можна средба на високо ниво во Софија

ФОТО: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски најави дека следната недела е можна средба на високо ниво во Софија, за време на неговата посета и посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на регионален настан во Бугарија. Според него, таква средба во моментов не е договорена, но не би била изненадување ако се одржи.

Муцунски изјави дека Македонија треба да води дијалог со Бугарија и дека комуникацијата со соседите не смее да биде прекината, без оглед на тежината на отворените прашања. Тој повтори дека се потребни повеќе средби на високо ниво, но и дека Скопје останува на ставот дека во моментов нема услови за спроведување на уставните измени.

Изјавата доаѓа по усвојувањето на извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, во кој беа прифатени и амандмани поднесени од бугарски европратеници. Во нив се повикуваат владите на Македонија и Бугарија да ја одржат третата меѓувладина комисија за спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи.

Муцунски оцени дека Бугарија има обврска од Договорот за добрососедство да го поддржува македонскиот евроинтеграциски пат, но, според него, тоа не се случува. Во исто време, тој нагласи дека државата нема луксуз да се откаже од разговори со соседите, особено како земја членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија.

Позицијата на Владата останува дека уставни измени може да има само ако се создаде меѓусебна доверба и ако Македонија добие гаранции од земјите членки на Европската Унија. Европскиот совет, пак, преку претседателот Антонио Кошта деновиве порача дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално отворање на пристапните преговори.

Можното патување во Софија затоа доаѓа во момент кога македонско-бугарските односи повторно се враќаат во фокусот на европската агенда, а просторот за дипломатски разговори се стеснува меѓу барањето за гаранции од Скопје и инсистирањето од Брисел дека договореното од 2022 година треба да се испорача.

Најчитано