Фон дер Лајен во Тиват: Самит за следното поглавје од европската интеграција на Западен Балкан

Тиват
EPA/JESSICA LEE

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Тиват изјави дека самитот на ЕУ и Западен Балкан е посветен на следните чекори во европската интеграција на регионот

„Прекрасно е повторно да се биде во Тиват. Каде што луѓето и културите се среќаваат со векови. Целиот Западен Балкан лежи во срцето на европската историја. Нашиот самит е посветен на следното поглавје“, напиша фон дер Лајен на X.

Заедно со таа порака, фон дер Лајен објави видео на кое се гледа како таа и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пристигнуваат на неформална вечера, која домаќините на утрешниот самит, претседателот и премиерот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ, ја организираат по повод 20-годишнината од независноста на Црна Гора.

Милатовиќ подоцна објави на Инстаграм дека лидерите пристигнале вечерва „од Бока, со еден од најубавите погледи во Европа, до Ловќен, место што значи историја, слобода и гордост за Црна Гора“.

„Црна Гора ја пречекува Европа како следна членка на Европската Унија. Следното поглавје на Европа започнува тука“, напиша Милатовиќ заедно со фотографии од учесниците на утрешниот самит, вклучувајќи ги лидерите на ЕУ и нејзините членки и шесторката од Западен Балкан.

Претседателот на Владата на Северна Македонија на социјалните мрежи напиша дека бил „на вечера во организација на Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во пријатна и пријателска атмосфера со учесниците на самитот“.

Најчитано