Македонија влегува во преговори за укинување на дополнителните трошоци со ЕУ

Министрите од земјите од Западен Балкан на 12 јуни ќе имаат состанок со претставници на Европската комисија во рамки на иницијативата „роаминг како дома“, објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Состанокот следува откако Советот на ЕУ го одобри почетокот на преговорите со шесте земји од регионот за нивно вклучување во европскиот режим на бесплатен роаминг.

Иницијативата треба да овозможи граѓаните од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, при патување во земјите од ЕУ, да користат повици, СМС-пораки и мобилен интернет без дополнителни роаминг трошоци, под исти услови како дома. Истиот принцип би важел и за граѓаните на ЕУ што патуваат во земјите од Западен Балкан.

Според Андоновски, на состанокот ќе се разговара за главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и подготвеноста на секоја земја за приклучување кон иницијативата. Тој најави дека Европската комисија ќе започне секторски преговори со секоја држава поединечно, врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација.

„Секторските договори ќе ја воспостават институционалната рамка за нивна имплементација, управување и следење, со тоа ќе се создаде правен и институционален механизам преку кој ќе може да се регулира реципрочното отворање на пазарот за роаминг помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан“, изјави Андоновски.

Клучно е што секоја земја ќе преговара за себе. Тоа значи дека процесот нема нужно да заврши истовремено за целиот регион, туку секоја држава ќе напредува според тоа колку брзо ќе ги исполни условите и ќе го усогласи националното законодавство со европските правила во телекомуникациите. Советот на ЕУ наведува дека пред вклучување во режимот „роаминг како дома“, секој партнер од Западен Балкан ќе мора целосно да се усогласи и да го применува европското роаминг законодавство.

Андоновски најави дека очекува преговорите да завршат во текот на годинава, да се утврди текстот на договорот, тој да помине на владина седница и да биде ратификуван во Собранието. Неговата надеж е Македонија да биде меѓу првите земји од регионот што ќе го започнат процесот, можеби уште во јануари 2027 година.

Од македонска страна, според министерот, клучниот дел од подготовката е завршен. Тој посочи дека регулаторниот пакет, измените на Законот за електронски комуникации и дополнителните подзаконски акти се подготвени, а законот е утврден на владина седница и испратен на мислење во Европската комисија.

Оваа иницијатива е дел од поширокиот процес на постепена интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. На самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват беше нагласено дека Унијата сака конкретни придобивки за граѓаните уште пред полноправното членство, а „роаминг како дома“ е една од највидливите мерки во таа насока.

Регионалниот совет за соработка претходно работеше на патоказ за намалување на цените на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан, со цел тие да се приближат до домашните цени во 2027 година и да се намалат за повеќе од 90 проценти во најскапите мрежи. Новите преговори сега ја отвораат можноста тој процес да премине од постепено намалување кон целосно приклучување на регионот во европскиот модел.

Најчитано