Земјоделските производи поскапеа најмногу, храната пак го притиска џебот

„Форин Полиси“

Земјоделските производи во мај 2026 година биле поскапи за 6,7 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, што повторно го отвора прашањето колку растот на цените ја јаде куповната моќ на граѓаните и го зголемува секојдневниот притисок врз семејните буџети.

Според објавените податоци, цените на мало во мај годинава се зголемени за 5,6 проценти во споредба со мај 2025 година. Најголем годишен раст има токму кај земјоделските производи, додека услугите бележат раст од 6 проценти, а стоките се зголемени за 5,4 проценти.

Растот кај храната останува еден од најчувствителните удари за граѓаните. Кај прехранбените производи годишното поскапување изнесува 4,2 проценти, додека индустриско-прехранбените производи се зголемени за 3,4 проценти. Пијалаците, алкохолни и безалкохолни, бележат раст од 1,3 проценти.

Само во однос на април годинава, земјоделските производи поскапеле за 4,4 проценти, што покажува дека притисокот врз цените не е само годишен тренд, туку продолжува и на месечно ниво. Прехранбените производи во истиот период се зголемиле за 1,3 проценти, услугите за 1,5 проценти, а стоките за 0,6 проценти.

Од почетокот на годината до мај, цените на мало се зголемени за 3,4 проценти во споредба со истиот период лани. Најголем раст во првите пет месеци повторно има кај земјоделските производи, од 5,3 проценти, кај прехранбените производи од 5,2 проценти и кај индустриско-прехранбените производи од 5,1 процент.

Дополнителен притисок врз трошоците создава и транспортот, кој во мај 2026 година е поскап за 11 проценти во споредба со мај минатата година. Тоа директно ги погодува домаќинствата, но индиректно може да се прелее и врз цените на производите, бидејќи поскапата дистрибуција ја зголемува крајната цена што ја плаќаат граѓаните.

Овие бројки покажуваат дека поскапувањето веќе не е само статистичка категорија. Кога најмногу растат земјоделските производи, храната и транспортот, ударот најбрзо се чувствува на пазарите, во маркетите и во секојдневната пресметка на граѓаните што може да се купи со истата плата.

Најчитано