Лансирана е „Домче“, апликација за учење македонски за нашите деца во странство

Домче

Македонскиот јазик е еден од најцврстите темели на нашиот идентитет. Токму затоа, неговото зачувување кај најмладите генерации во дијаспората е главната мисија на Домче – првата дигитална платформа создадена специјално за македонски деца кои растат надвор од татковината.

Веб-верзијата на Домче беше лансирана на 5 мај 2026 година, на Денот на македонскиот јазик, а од денес е достапна и мобилната апликација, која може да се преземе преку App Store и Google Play.

Пораката што ја носи Домче е едноставна – секое македонско дете, без разлика каде живее, заслужува да го негува својот јазик и да може да разговара со своите баба и дедо на мајчиниот јазик.

Првите зборови што детето ги учи се „мама“ и „тато“, а содржините во апликацијата се прилагодени на возраста и јазичното ниво на секое дете – без разлика дали само го разбира македонскиот јазик, почнува да го зборува или веќе комуницира течно.

Наместо класичен пристап кон учењето, Домче нуди игри, приказни, гатанки, брзозборки, сложувалки и интерактивни активности преку кои децата природно ги усвојуваат македонскиот јазик и кирилицата.

Но, Домче е повеќе од апликација за учење јазик. Преку внимателно создадени содржини, децата се запознаваат со македонската култура, традиции и знаменитости, градејќи врска со своите корени и со земјата од која потекнуваат.

Само неколку минути дневно се доволни детето да слуша македонски, да игра, да се смее и да ја открива Македонија на забавен и современ начин.

Целта на Домче е секое македонско дете во дијаспората да го има на дофат и да го користи не затоа што мора, туку затоа што сака.

Најчитано