Додека министерот и градоначалникот се караат, Скопје се дави во ѓубре

ѓубре

Додека министерот за локална самоуправа и градоначалниот на Скопје разменуваат обвинувања преку прес-конференции, соопштенија и политички препукувања, граѓаните секојдневно добиваат најдиректен доказ за неуспехот на институциите – преполни контејнери, расфрлан отпад и улици кои сè повеќе наликуваат на диви депонии отколку на главен град на европска држава.

Министерот за локална самоушрава му порача на градоначалникот на Скопје Ѓорѓиевски и на другите прво да си ги соберат 100-те милиони евра од данок на имот, па потоа да бараат пари од државата за да купат камиони или други средства потребни за нивната работа.

Фотографиите направени викендов на повеќе локации во Скопје ја покажуваат реалноста што не може да се сокрие зад политички пораки. Контејнерите се преполни, кесите со отпад се натрупани врз нив, а картонски кутии, пластика и разновиден смет се расфрлани околу нив. Во летните горештини ова не е само естетски проблем, туку и прашање на јавно здравје, хигиена и достоинство на градот.

Најголемата иронија е што токму чистотата на Скопје беше едно од најгласните ветувања на актуелната градска власт. Граѓаните беа уверувани дека ќе се стави крај на хаосот, дека јавните претпријатија ќе работат поефикасно и дека градот конечно ќе добие ред и чистота. Наместо тоа, осум до девет месеци подоцна, сликите од терен зборуваат погласно од секое соопштение.

Ниту еден скопјанец денес не го интересира кој кому му упатил политичка порака, кој е виновен според министерот или кој е одговорен според градоначалничката. Граѓаните бараат едноставна работа – ѓубрето да биде собрано навреме. За тоа плаќаат даноци, комунални такси и услуги. За тоа избираат градска власт и за тоа постојат институции.

Проблемот станува уште посериозен затоа што Скопје веќе со години се соочува со сериозни еколошки предизвици – загаден воздух, недоволно зелени површини и нефункционален јавен превоз. Во такви услови, неспособноста да се одржува елементарна комунална хигиена испраќа порака за целосен институционален распад на системот.

Кавгата меѓу централната и локалната власт носи само нови купишта отпад пред нивните домови. И додека функционерите се натпреваруваат кој ќе ја префрли вината на другиот, Скопје станува заложник на нивната неспособност да испорачаат резултати.

На крајот, политичките пресметки ќе поминат, изборите ќе дојдат и ќе заминат, но фотографиите од преполните контејнери ќе останат како сведоштво за едно неисполнето ветување. Зашто град што не може да го реши сопственото ѓубре тешко може да ги убеди граѓаните дека е подготвен да ги решава поголемите проблеми.

А додека трае расправијата кој е виновен, единственото нешто што сигурно расте во Скопје се купиштата отпад. И тоа е најточната слика за состојбата во градот денес.

Најчитано