Мицкоски прво ќе слави роденден на партијата, па после ќе зборува за владина реконструкција

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање, рече дека со реконструкција на Владата, ќе се занимава по роденденот на ВМРО-ДПМНЕ кој е на 17 јуни.

„Следната недела по роденденот кој ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, после тоа почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“ изјави Мицкоски.

Коментирајќи ги тврдењата на опозициската СДСМ дека Владата оди на избори бидејќи ги потрошила државните парите и дека нема да бидат алиби за предвремени избори, премиерот Мицкоски рече дека тоа едното со другото немаат логика. Мицкоски истакна дека нивниот став е да нема предвремени избори, дека добиле мандат од граѓаните четири години и сакаат да одат на редовни парламентарни избори коишто ќе се случат пролетта 2028 година, но доколку се предизвикани мора да се подготвени, како и секоја сериозна политичка опција.     

„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“ изјавиМицкоски.

Премиерот додаде дека тие немаат намера да предизвикаат предвремни избори и дека нивната цел се редовни избори, но ако бидат, како што кажа, предизвикани тогаш ќе одат на избори и ќе победат.

Најчитано