Огнот запрен пред Долани: пожарникари и жители цела ноќ го бранеа селото

Пожарот што избувна меѓу штипските села Долани и Љуботен е ставен под контрола, но противпожарните екипи и утрово останаа на терен поради можност од повторно разгорување на огнот на непристапните делови.

Според првичните проценки, опожарена е површина од 20 до 30 хектари, претежно нискостеблеста вегетација и дел од борова шума. Од Територијалната противпожарна единица – Штип информираат дека пожарот во моментов е во дол, на терен до кој пожарникарите тешко пристапуваат.

Командирот на ТППЕ – Штип, Благој Ренџов, изјави дека екипите ќе дежураат на терен и ќе ја следат состојбата, особено во делот од денот кога температурите растат и постои ризик од повторно активирање на жариштата.

Во гаснењето на пожарот учествувале 18 пожарникари, 14 доброволци и жители на селото Долани. Во интервенцијата била вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување, која активирала еден „ертрактор“, што двапати дејствувал со вода од воздух.

Од Центарот за управување со кризи претходно информираа дека едно лице се здобило со изгореници на нозете и било хоспитализирано во Клиничката болница во Штип.

За да се спречи ширење на огнот кон населеното место, со градежна и земјоделска механизација биле направени заштитни појаси и обрачи околу критичните делови. Токму тие интервенции помогнале пожарот да не се префрли кон селото Долани.

Ова е трет поголем пожар во Штипскиот Регион за само неколку дена, што повторно ја отвора темата за подготвеноста на локалните служби, но и за ризиците од пожари во период на високи температури, сува вегетација и тешко пристапни терени.

Најчитано