Филипче: Реконструкцијата на Мицкоски ќе биде само замена на фотелји

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека граѓаните не може да очекуваат ништо суштинско од најавената реконструкција на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи, според него, станува збор за козметички промени кои нема да донесат подобар живот, нови мерки или реален напредок.

„Ќе се заменат некои луѓе, ќе си ги заменат фотелјите и сè ќе биде исто. Нема напредок, нема мерки за граѓаните, нема ништо што ќе се почувствува како подобрување. Тоа ќе бидат само козметички промени“, порача Филипче.

Тој додаде дека, без разлика кои имиња ќе бидат поставени на одредени функции, како што рече, „тендер-коалицијата“ ќе продолжи да функционира на ист начин.

Филипче реагираше и на односот на ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ, прашувајќи зошто владејачката партија постојано се занимава со опозицијата, наместо со управувањето на државата.

„Од една страна велат дека сме партија пред изумирање и дека не знам како ќе нè победеле на избори, а од друга страна секој ден се занимаваат со нас. И тоа покажува дека многу добро знаат дека нашиот капацитет расте“, рече Филипче.

Според него, СДСМ е консолидирана партија, со добри кадри и со структури кои секојдневно работат на терен. Филипче нагласи дека е задоволен од придонесот на луѓето во партијата и од тоа што, како што рече, кон СДСМ се приклучуваат интелектуалци, граѓански активисти и млади луѓе.

„Тоа особено ме радува, затоа што очигледно луѓето сфаќаат дека ова е единствената опција за напредок на државата“, порача Филипче.

Најчитано