СДСМ и Коалицијата поднесоа 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба

СДСМ

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба, соопштија од партијата.

Според СДСМ, амандманите се подготвени по темелна анализа и врз основа на забелешките и предлозите доставени од синдикатите и претставниците на судската и јавнообвинителската служба.

Од вкупниот број, 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба, а 27 на Законот за јавнообвинителска служба. Дополнително, најавено е поднесување и на 19 комисиски амандмани.

Од партијата посочуваат дека предложените измени произлегуваат од укажувањата на стручната јавност и синдикалните претставници, кои предупредуваат дека законските решенија во сегашната форма можат да ја загрозат независноста на судството и да ја влошат положбата на вработените во правосудниот систем.

Во соопштението се наведува дека судската и јавнообвинителската служба имаат клучна улога во секојдневното функционирање на правосудниот систем и дека нивните ставови не смеат да бидат игнорирани.

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата ги повика сите пратеници во Собранието да ги поддржат предложените амандмани, со цел да се обезбеди функционално и независно судство, како и подобри услови за работа на судските и јавнообвинителските службеници.

Од СДСМ предупредуваат дека доколку амандманите не бидат прифатени, постои ризик од дополнително ослабување на системот, институционални проблеми и одлив на стручен кадар од правосудството.

Најчитано