Речиси половина од вработените во Германија изјавиле дека сакаат што поскоро да се пензионираат, додека властите од друга страна планираат да ги продолжат работните години, според анкетата на компанијата DAK, која се занимава со здравствено осигурување.
Иако во дел од медиумите и јавноста повторно се појави формулацијата „работа до 70 години“, германските медиуми ја нијансираат сликата. Според ZDF, во препораките не стои директна „пензија на 70 години“. Наместо тоа, се предлага пензиската возраст по 2031 година постепено да се врзува со растот на животниот век.
Имено, во вторник, Германската пензиска комисија ќе разгледа предлог за зголемување на возраста за пензионирање во согласност со зголемувањето на очекуваниот животен век, како и за укинување на предвременото пензионирање без намалување по 45 години платени придонеси, објавува Bild.
Ова е спротивно на желбите на вработените, бидејќи според здравствениот извештај за 2026 година објавен од компанијата DAK, сè поголем број Германци размислуваат за предвремено пензионирање.
Резултатите од анкетата спроведена од истражувачкиот институт Форса покажуваат дека 44 проценти од испитаниците размислуваат да го напуштат работниот век пред да ја достигнат законската возраст за пензионирање.
Во исто време, 35 проценти сакаат да работат додека не ги исполнат условите за пензионирање, додека девет проценти планираат да продолжат да работат дури и по стекнувањето право на пензија.
Меѓу вработените над 50 години, 52 проценти планираат да го напуштат пазарот на трудот пред пензионирање, а нивната здравствена состојба се издвојува како клучен фактор.
Околу 48 проценти од испитаниците кои се чувствуваат здраво сакаат да се пензионираат порано, додека тој процент кај вработените кои се незадоволни од своето здравје се зголемува на 60 проценти, што се забележува и кај помладите работници.
Во групата вработени до 49 години, минатата година се евидентирани 213 потврди за боледување на секои 100 осигуреници, додека кај оние над 50 години, тој број изнесувал 165.
Постарите вработени се поретко на боледување, но кога отсуствуваат од работа, отсуството трае просечно 16,3 дена, додека кај помладите работници тоа е 8,2 дена.
Генералниот директор на ДАК, Андреас Сторм, оцени дека компаниите мора да обрнат поголемо внимание на постарите вработени и да ги подобрат своите програми за здравствена поддршка.
За потребите на ДАК, институтот за истражување на јавното мислење Форса спроведе анкета на примерок од 7.000 вработени.
Во Германија, каде што, според официјалните податоци објавени од Германскиот федерален завод за статистика (Дестатис), живеат околу 83,5 милиони луѓе, во првиот квартал од 2026 година биле вработени околу 45,64 милиони луѓе. Овие податоци укажуваат на мал пад на пазарот на трудот, бидејќи бројот на вработени е помал за околу 160.000 во споредба со истиот период минатата година.
