СДСМ: Две години власт, две години бајки за економски и институционален колапс

СДСМ

Опозициската СДСМ оцени дека по две години од формирањето на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, државата се соочува со економска криза, институционален распад и застој во евроинтегративниот процес.

Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека во изминатите две години Македонија назадувала на повеќе полиња, обвинувајќи ја власта за зголемување на јавниот долг, намалување на инвестициите и влошување на животниот стандард на граѓаните.

„Буџетскиот дефицит е потрошен за шест месеци, јавниот долг е зголемен за над 2,5 милијарди евра, а инвестициите се намалени за 60 проценти. Граѓаните секојдневно ја чувствуваат реалноста – празни паричници и поскап живот“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека европскиот пат на државата е блокиран и дека земјата се соочува со политичка изолација. Воедно, тврдат дека европските извештаи предупредуваат на странски влијанија од Србија, Русија и Кина, а Владата, според нив, промовира политики што се спротивни на националните и безбедносните интереси на државата.

СДСМ обвинува и за партизација на институциите, наведувајќи дека Министерството за внатрешни работи, правосудството и обвинителството се ставени под партиска контрола.

Во однос на најавената реконструкција на Владата, опозициската партија смета дека станува збор за „козметички промени“ без суштински резултати.

„По две години јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту идеја, ниту план за развој на Македонија. Имаат само план за задолжување, трошење и одржување на власт по секоја цена“, наведува СДСМ.

Од партијата повикуваат на промена на, како што велат, актуелниот курс на државата и враќање кон европските интеграции, одговорни економски политики и институции кои ќе работат во интерес на граѓаните.

Најчитано