Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата системски го решава долгогодишниот проблем со навремената испорака на учебници и дека тие ќе бидат доставени пред почетокот на новата учебна година.
При посетата на основно училиште во Општина Аеродром, Мицкоски оцени дека навременото обезбедување учебници треба да биде нормална практика, но посочи дека државата сè уште ги надминува последиците од, како што рече, лошото управување во изминатите години.
„Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала. Еден од тие процеси е и системското решавање на снабдувањето на децата со учебници“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека и покрај развојот на современите технологии и вештачката интелигенција, во државата сè уште се смета за успех навремената испорака на учебниците, што, според него, е последица на проблеми наследени од минатото.
Мицкоски истакна дека Владата има обврска да обезбеди ваквите состојби да не се повторат во иднина и додаде дека се работи на воспоставување трајни решенија во образовниот систем.
Премиерот воедно упати благодарност до министерката за образование, вработените во Министерството за образование и наука, директорите на училиштата и наставниот кадар низ државата за нивната посветеност и придонес во образовниот процес.
„Им честитам за сето она што го прават за децата и за Македонија како држава, тоа е, би рекол, нобелова работа и јас уште еднаш им честитам за сето она коешто го прават“, рече Мицкоски.
