Со конференцијата „Future Shift: Економија, технологија, млади“ официјално започна со работа РЕФОРМ5

РЕФОРМ5

Во EU House Skopje се одржа првата конференција на РЕФОРМ5 – Платформа за економска и технолошка трансформација, „Future Shift: Економија, технологија, млади“, со што официјално беше означен почетокот на работата на организацијата.

Во воведното обраќање, претседателот на РЕФОРМ5, проф. д-р Димитар Ковачевски, истакна дека платформата е основана од професионалци со богато академско, практично и професионално искуство во областа на економијата, технологијата, истражувањето на јавното мислење, социологијата и психологијата, со цел да придонесе кон економскиот, технолошкиот и институционалниот развој на Северна Македонија.

Организацијата има за цел преку факти, знаење и стручни анализи да придонесува во јавната дебата и креирањето решенија за клучните развојни предизвици на државата.

На конференцијата беа презентирани анализи и истражувања за дигиталната зрелост и иновативност на државата, подготвеноста за вештачка интелигенција, ставовите на младите и нивното ментално здравје.

Од платформата беше упатен јавен повик до експертите, академската заедница, младите и сите заинтересирани граѓани да се приклучат и активно да учествуваат во нејзините активности преку веб-страницата www.reform5.org

На конференцијата со свои анализи и истражувања се обратија членовите на Управниот одбор на РЕФОРМ5 – врвни професионалци во областите на економијата, технологијата, истражувањето на јавното мислење и психологијата.

Темите ги презентираа проф. д-р Игор Бимбиловски, м-р Ристе Костовски, Милош Јованов, сениор истражувач на јавното мислење, и проф. д-р Софија Георгиевска.

Беа презентирани наоди за позицијата на Северна Македонија на меѓународните индекси за дигитална зрелост и иновативност, глобалниот Индекс за подготвеност за вештачка интелигенција, ставовите на младите во државата и предизвиците поврзани со нивното ментално здравје.

Со конференцијата „Future Shift: Економија, технологија, млади“, РЕФОРМ5 официјално ја започна својата работа како платформа посветена на развој на идеи, политики и иницијативи за поиновативна, поконкурентна и поразвиена Северна Македонија.

Најчитано