Собранието ги усвои новите законски решенија за судска служба и јавнообвинителска служба, со кои се воведува значајна реформа во начинот на функционирање на правосудниот систем, особено во делот на организацијата на кадрите, системот на плати и професионалниот развој на вработените.
Според Министерството за правда, новиот Закон за судска служба ги надминува долгогодишните слабости во функционирањето на судовите и создава услови за поефикасна организација на работата преку јасно дефинирање на статусот, правата и обврските на судските службеници.
Една од најзначајните новини е што судските стручни службеници добиваат статус на посебни административни службеници, односно стануваат посебна категорија вработени во рамки на судската власт со сопствен законски режим. Со тоа, како што наведуваат од Министерството, се овозможува подобро препознавање на специфичностите на нивната работа и поголема професионализација на службата.
Законот предвидува и нов систем за класификација на работните места, со дополнување на категориите, нивоата и звањата согласно реалните потреби на судовите. Со ова треба да се надминат проблемите кои со години произлегуваа од примената на модел преземен од општата администрација, кој, како што се наведува, не ги одразувал специфичните потреби на судскиот систем.
Дополнително, се воведува нов систем на вработување и унапредување прилагоден на судската служба, при што значително се зајакнува институционалната независност на судската власт. Судскиот буџетски совет добива централна улога во кадровското планирање, без потреба од претходна согласност од извршната власт.
Со новото законско решение се менува и начинот на пресметка на платите. Зголемувањата обезбедени преку колективните договори ќе станат составен дел од основната плата, што според Министерството ќе овозможи постабилен, попредвидлив и поправеден систем за вреднување на трудот на судските службеници.
Законот дополнително го уредува и статусот на судската полиција, чии припадници добиваат бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите категории вработени во судовите преку јасно дефинирани права, обврски и одговорности.
Истовремено, пратениците го усвоија и Законот за јавнообвинителска служба, кој има за цел да ја зајакне самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство.
Со новите решенија се воспоставува посебен систем за управување со човечките ресурси, со поедноставени процедури за вработување и намалена зависност од надворешни институции при изборот на кадри. Од Министерството посочуваат дека ова ќе овозможи побрз избор на најстручните и најквалитетните кандидати.
Посебен акцент е ставен на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Законот предвидува јасна вертикална структура за напредување и можност за професионален развој до највисоките раководни позиции во службата.
Дополнително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените.
И кај обвинителската служба е предвиден нов систем за пресметка на платите, со кој покачувањата договорени преку колективните договори ќе бидат вклучени во основната плата, што треба да придонесе за поголема финансиска сигурност и поправедна валоризација на трудот.
Заклучно, од Министерството за правда оценуваат дека со усвојувањето на двата закона се прави значаен чекор кон исполнување на реформските цели и создавање поефикасен, независен и професионален судско-обвинителски систем.
