Мицкоски работи на создавање нов сателит, велат од СДСМ

Откако ЗНАМ се распадна и повеќе не постои како функционална структура, Христијан Мицкоски веќе работи на создавање на нов сателит, велат утрово од СДСМ.

„Последните двајца преостанати во ЗНАМ – Горан Минчев и Максим Димитриевски сега се борат за фотелји. Кога и таа последна битка ќе заврши, бидејќи можеби и нема да останат во Владата, Мицкоски ќе остане без инструментот што го користеше за да го ослабне опозицискиот блок.

Затоа веќе започнува со создавање на ново „здружение”. Тоа е дел од истата стратегија што ја применуваше и досега – создавање на вештачки политички субјекти чија единствена цел е да го ослабнат опозицискиот блок и да му обезбедат дополнителни гласови на следните избори.

Огромниот пад на ВМРО од 150.000 гласови, целосно урнатиот рејтинг на Мицкоски поради лаги и економски колапс, како и фактот дека граѓаните сфатија дека биле измамени на минатите избори, го принудуваат да размислува за предвремени избори.

Мицкоски знае дека СДСМ е зајакнат, дополнително, како дел од широкиот граѓански Фронт за вистина и правда, претставува сериозна закана по неговата власт“ се наведува во соопштението.

Оттаму додваат дека на Мицкоски “му е потребен нов сателит, ново орудие кое ќе работи на повеќе страни и ќе се обиде да го повтори сценариото од минатите избори“

„Ова е класичен пример на политичко инженерство од најлош вид. 

Наместо да се соочи со реалните проблеми на граѓаните, Мицкоски продолжува да гради паралелни структури чија единствена мисија е да ја одржат неговата власт преку манипулација и поделба на гласовите.

Мицкоски не прави нова политичка сила. Тој прави нов механизам за контрола на изборниот процес и за поделба на опозициските гласови. Исто како што го правеше и со ЗНАМ“ порачаа од СДСМ.

Најчитано