ТИТАН Усје: Јавна расправа за процесот на добивање еколошка дозвола

Денеска, во рамките на законската постапка, се одржа јавна расправа за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола на ТИТАН Усје. Во рамките на јавната расправа, ТИТАН Усје ги презентираше информациите за своето работење, примената на најдобрите достапни практики и активностите што компанијата ги презема за заштита на животната средина.

Јавната расправа претставува важен дел од законската процедура и можност сите заинтересирани страни да ги изнесат своите ставови, прашања и забелешки. ТИТАН Усје го поздравува учеството на јавноста и верува дека аргументираниот дијалог и размената на информации се најдобар начин за градење доверба.

Во март годинава ТИТАН Усје до Министерството за животна средина и просторно планирање ја поднесе апликацијата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, која е во согласност со важечките законски и подзаконски акти. Компанијата доследно, навремено и транспарентно ги спроведе сите постапки и активности предвидени со процедурата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола. Апликацијата е јавно достапна и ставена на увид на сите заинтересирани страни.

Како дополнителен чекор кон поголема транспарентност, компанијата го стави во функција новиот Усје портал за животна средина, преку кој јавноста ќе има пристап до дневните податоци од независниот 24-часовен мониторинг на емисиите, информации за еколошките активности, инвестициите и другите релевантни документи. Порталот овозможува и директна комуникација со компанијата, преку можност за поставување прашања и добивање дополнителни информации.

Како прва компанија во Скопје што доби А-интегрирана еколошка дозвола и една од првите во државата, ТИТАН Усје уште тогаш ја потврди својата определба за примена на највисоки стандарди во индустријата. Компанијата е во постојан инвестициски циклус за модернизација и унапредување на процесите.

ТИТАН Усје е посветена на работење согласно законските прописи, европските стандарди и принципите на одржлив развој. Компанијата и во иднина ќе продолжи со континуирани инвестиции во модернизација, намалување на влијанијата врз животната средина и отворена комуникација со сите засегнати страни.

Најчитано