Европа нема да даде гаранции: Кржаловски открива како Македонија сама да се заштити од нови блокади

Вчерашната посета на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, само го потврди она што многумина веќе го претпоставуваа – Европската Унија нема да испорача никакви дополнителни писмени гаранции за Македонија. Но, дали тоа значи дека државата треба да остане со скрстени раце?

Александар Кржаловски, директор на МЦМС, во гостување во емисијата „24 анализа“ истакна дека државата се наоѓа на истото место како и пред четири години кога се усвојуваше францускиот предлог, кој, според него е основата на денешниот проблем. Според него, главниот проблем отсекогаш бил фактот што за клучните национални прашања кај нас не се постигнал консензус, за разлика од соседна Бугарија каде сите партии застанаа зад ист став.

Откако е повеќе од јасно дека Брисел нема да попушти, Кржаловски нуди друго решение – „внатрешни гаранции“. „Очигледно е дека нема ЕУ да ги даде гаранциите… она што застапуваат другите колеги се внатрешни гаранции ние самите да ставиме доволно огради или наши заштитни механизми“. Овие механизми би се вградиле директно во Уставот или преку други законски акти, што би значело автоматско прекинување на преговорите доколку во иднина на маса се стават нови прашања кои задираат во македонскиот идентитет. Ова би било заштита дури и доколку дојде до промена на власта во иднина.

За оние кои сметаат дека моменталниот „статус кво“ е решение, Кржаловски има директна порака во однос на изјавите дека ЕУ е единствената алтернатива: „Ама ние 33 години ја живееме другава алтернатива… Нит сме во Југославија нит сме во ЕУ. Така да еве ја таа е алтернативата. Ако ни се допаѓа вака, да си останеме вака“. Владите, заклучува тој, се избрани за да ги решаваат проблемите, а не да ги одложуваат.

Најчитано