СДСМ: Предлогот за електронско гласање на дијаспората без контрола е вовед во изборна кражба

СДСМ

Опозициската СДСМ ја обвини Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека преку измените на Изборниот законик се обидуваат да ја манипулираат јавноста во врска со гласањето на дијаспората, оценувајќи дека предложените решенија отвораат простор за изборни злоупотреби.

На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, истакна дека партијата не е против правото на дијаспората да гласа, нагласувајќи дека тоа право постои и со сегашниот изборен модел.

„Ние не сме против тоа право. Ние сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба“, рече Кузеска, додавајќи дека е неприфатливо во земјата да се применуваат строги механизми за идентификација на гласачите, а за дијаспората да се предлага електронско гласање без соодветни контроли.

Од СДСМ тврдат дека измените на Изборниот законик не се мотивирани од потребата за подобрување на изборниот процес, туку претставуваат политички изговор за, како што велат, одложување на реформските процеси поврзани со европската агенда.

Кузеска обвини дека власта свесно го користи прашањето за Изборниот законик за да ја префрли одговорноста врз опозицијата и оцени дека не постои вистинска волја за постигнување политички консензус.

Според СДСМ, партијата ќе се спротивстави на воведување електронско или гласање по пошта без механизми што ќе обезбедат сигурност и контрола на изборниот процес и ќе продолжи да се залага за, како што наведуваат, фер и демократски избори и европски реформи.

Најчитано