Имате милион евра за стан? Апартманите на Груевски одат на продажба

Груевски

Становите на Груевски во комплексот „Панорама резиденс“ на Водно повторно се нудат на продажба откако државата ги конфискуваше по правосилната пресуда за случајот „Плацеви на Водно“. Трите луксузни апартмани ќе бидат достапни за разгледување на 16 јули, а јавното наддавање е закажано за 29 јули.

Два од апартманите имаат станбена површина од по околу 200 квадратни метри, како и тераси од нешто помалку од 50 квадратни метри. Почетната цена за секој од нив изнесува 850.000 евра.

Третиот апартман има површина од околу 150 квадратни метри и балкон од 95 квадратни метри. Тој е понуден со почетна цена од 760.000 евра.

Вкупната почетна вредност на трите недвижности изнесува 2,46 милиони евра, а просечната цена за квадратен метар надминува 3.400 евра. Конечната сума може дополнително да се зголеми во текот на јавното наддавање.

На објавените фотографии се гледаат пространи простории, големи тераси, луксузна опрема, џакузи и панорамски поглед кон Скопје. Два од апартманите и претходно биле понудени на продажба, но обидите завршиле без купувач.

Недвижностите беа одземени по судската постапка за „Плацеви на Водно“, во која поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на девет години затвор. Случајот се однесуваше на незаконско присвојување 1,3 милиони евра од партиски донации и нивно користење за купување земјиште и изградба на недвижности.

Најчитано